Груевски: Потребен ни е економски напредок, а не делби

29.11.2016 16:05

Коалицијата „За подобра Македонија“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, попладнево е пред жителите на Гостивар и на Тетово. Синоќа, оваа коалиција одржа митинг во Велес.

Ќе отвориме 70.000 нови работни места, а невработеноста од 24 ќе ја намалиме на 17 насто, ќе ги зголемиме платите и пензиите за 10, а социјалната помош за 50 насто, ова пред Велешани го вети лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. На митингот на Коалицијата „За подобра Македонија“ беа претставени проектите од програмата наречена „Реално“ која предвидува во наредните четири години минималната плата да достигне 14 илјади денари, земјоделците да добијат помош од 600 милиони евра. Пред подржувачите и симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ, Груевски ги претстави проектите за изградба на 18 и реконструкција на 140 училишта, модернизација на наставните програми, изградба на градинки, продолжување на проектот „Купи куќа за млади“, поддршка со субвенции за младите земјоделци. Рече дека во програмата се предвидува изградба на нови три автопати, од Гостивар до Кичево, од Скопје до Блаце и од Требениште до Струга.

Груевски пред велешани го претстави проектот за рестартирање на стопанските капацитети, за кои рече дека се жртви на транзицијата, а според него, се од огромно значење за Велес. Објасни дека секој инвеститор кој ќе рестартира пропадната фирма, од државата ќе добие 2.000 евра за секое ново работно место, а за вработен стечаец 4.000 евра. Програмата предвидува и финансиска помош, за адаптација, реконструкција, набавка на нови машини и опрема, во износ од 10 насто од инвестираната вредност, до максимум 500.000 евра.

Народот имаше шанса да не види нас да ги види и нив. Велес добро го познава времето на СДСМ и добро се сеќава дека тие затвараа фабрики, а Велес, рече Груевски го памети нашето време. Потребен ни е економски напредок, а не делби, двојазичност и кантонизација на државата порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Во времето на СДСМ во Велес работеа околу 98.00 граѓани, а денес 15.579 наши сограѓани одат на работа вака се сака Македонија со отворање на нови работни места порача на митингот во Велес, Илија Димовски, носителот на кандидатската листа во третата иборна единица од коалицијата за подобра Македонија. Тој ги повика граѓаните масовно да излезат на избори и да гласаат за коалцијата за подобра Македонија затоа што како што рече 11-ти декември ќе биде нов реферндум за иднината на Македонија.

Коалицијата „За подобра Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ ги презентираше проектите за Велес. Груевски најави гасификација за чија што намена ќе се инвестираат 8 милиони евра, реконструкција на патишта, изградба на 4 нови градинки од која една во Каласлари, реконструкција на две училишта, „Јохан Константинот- Џинот“ и „Кирил и Методиј“, набавка на нови медицински апарати за болницата во Велес, санација на спортската сала „Гемиџии“, продолжување на проектот рурален доктор како и локации за изградба на винарски визби. Груевски од Велешани ја побара нивната доверба за како што рече да им се стави крај на две ипол годишните деструкции на СДСМ за разнебитување на државата. На сите нас потребно ни е земјата да стане членка на НАТО и ЕУ, а не да се движи назад, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. На митингот на Коалицијата „За подобра Македонија“ говореа и претставниците на коалционите партнери на ВМРО-ДПМНЕ.

Викторија Милевска