Коалиција за промени и правда: Квалитетен живот за сите граѓани

29.11.2016 16:07

Коалицијата за промени и правда, предводена од Демократскиот сојуз, вечер има митинг во Гази Баба. Претходно, имаше средби со граѓани од Пржино, Црниче и од Кисела Вода.

Главна цел на Коалицијата за промени и правда е квалитетен живот на сите граѓани во Македонија, правна и економски успешна држава, во која на секој граѓанин му е дадена можност за индивидуален развој и активно учество во општеството, порача лидерот на Демократскиот сојуз и носител на листата во првата изборна единица, Павле Трајанов. Тој смета дека е можен динамичен економски развој, само доколу се поттикне инвестирањето во домашните во соработка со странските компании. Вели дека коалицијата има посветено посебно внимание на на економската програма.

Од Коалицијата за промени и правда порачуваат дека нивни приоритети се минимална плата од 300 евра, најниска пензија од 200 евра, намалување на бројот на пратеници во Законодавниот дом, Македонија дел од Европската унија и НАТО, 100 денари такса за остварување права пред судот, намалување на казни за физички и правни лица за две третини и укинување на радиодифузна такса.

Ветуваат и реформи во судскиот систем, реизбор на сите судии и јавни обвинители. Најавуваат и енергична борба против организираниот криминал, посебно против, како што беше речено, злоупотребата на власта и довербата на граѓаните. Во програмата на Коалицијата за промени и правда како еден од приоритетите е и инвестирањето во младите. Носителот на листата во изборната единица 5, Александар Делов порача дека ќе се борат да ја вратат и задржат младината во Македонија.

Од оваа коалиција, меѓу другото, велат дека ќе спроведат референдум за работното време да почнува од 7 часот бидејќи од тоа, според нив, зависи квалитетниот живот на семејството. Очекуваат поддршка  од граѓаните за нивната програма. Им порачаа дека ќе направат темелни измени во законодавството.

Ние сме, гарант за стабилност, сплотеност и единство, затоа што ќе обезбедиме законите да важат за сите подеднакво, велат од Коалицијата за промени и правда.

 

Ана Јосифоска- Тодоровска