ССК: Нови средства за иновативни проекти од ЕИБ

30.11.2016 13:18

ЕУ и ЕИБ планираат да ја удвојат заедничката поддршка за истражување и иновации во Европа до 2020 година, со што достапни ќе бидат повеќе од 24 милијарди евра.

Малите и средни бизниси со иновативни проекти може да аплицираат за средства од Европска инвестициска банка (ЕИБ)- иноформираат од Сојузот на стопански комори (ССК). До 2020-та година, 24 милијарди евра ќе бидат наменети за истражување и иновации во Европа.

„Понудени се и советодавни услуги за компаниите кои инвестираат во иновации за да можат да бидат подобро подготвени за пристап до финансирање од ЕИБ“- изјави Митко Алексов, извршен директор на ССК и додаде дека заедно ЕУ и ЕИБ планираат да ја удвојат заедничката поддршка за истражување и иновации во Европа до 2020 година, со што достапни ќе бидат повеќе од 24 милијарди евра.

Од страна на ЕИБ дирекното финансирање ќе се однесува само за поголеми проекти кои се со вредност помеѓу 15-20 милиони евра. 

„Финансирањето на мали и средни компании или обезбедување на потребни гаранции од страна на ЕИБ ќе се одвива преку финансиските институции, поточно банките. Така, во следниот период банките треба да планираат и да се концентрираат на иновативни компаниии и проекти. Доколку постои дилема дали одредена компанија е мала или голема, можат да се обратат до ЕИБ и да се направи евалуација“, изјави Алексов.

ЕИБ е веќе присутна во Република Македонија, со кредитната линија која се спроведува преку МБПР и до сега се ефектуриани 4 транши во вкупна вредност од 350 милиони евра.