Примопредавање на должноста командант на 1.мпб на АРМ

30.11.2016 14:00

Должноста командант на 1.мпбр од бригадниот генерал Зоран Милески ја прими бригадниот генерал Мирче Ѓоргоски, актуелен аѓутант на Врховниот командант на вооружените сили.

Со примопредавање на военото знаме на Првата механизирана пешадиска бригада од составот на Здружената оперативна команда денеска во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец се изврши официјалното преземање на должноста командант на оваа бригада.

Должноста командант на 1.мпбр од бригадниот генерал Зоран Милески ја прими бригадниот генерал Мирче Ѓоргоски, актуелен аѓутант на Врховниот командант на вооружените сили.

Командантот на Здружената оперативна команда генерал-мајор Васко Ѓурчиновски во своето обраќање му се заблагодари на досегашниот командант за неговото залагање и учество во изградбата на 1.мпбр во високо професионална и престижна компонента на армијата, потенцирајќи го ангажманот на јужната граница во поддршката на Граничната полиција и справувањето со последиците од поплавите во скопскиот регион. На новопоставениот командант му ја честиташе новата должност и изрази уверување дека мудро и умешно ќе ја води единицата, успешно справувајќи се со заканите и предизвиците насочени кон безбедноста и суверенитетот на Република Македонија.

Новопоставениот командант, бригадниот генерал Ѓоргоски истакна дека му е чест и задоволство за делегираниот авторитет да командува со најмоќната и најбројната борбена единица на АРМ и порача дека со припадниците на 1.мпбр ќе продолжат по патот на успехот и исполнувањето на најсветата обврска, односно одбраната на територијалниот интегритет и суверенитет на Република Македонија.

Бригадниот генерал Милески изрази задоволство од постигнатите резултати на единицата и благодарност до припадниците за вложениот труд, посветеност и ангажирање при изградбата на борбената готовност на бригадата. Тој со Указ на Претседателот на Република Македонија е поставен за командант на Здружената оперативна команда.

На свеченоста присуствуваа заменикот на началникот на ГШ на АРМ генерал-мајор Мухамет Рацај, претставници од Генералштабот на АРМ и поранешни команданти на бригадата.

Првата механизирана пешадиска бригада од составот на ЗОК е најголемата борбена единица на АРМ која обезбедува готови сили за заштита и поддршка на националните интереси и дава поддршка при природни катастрофи, епидемии и други опасности.