„Југохром“: Сите вработени и во декември остануваат на работа

30.11.2016 15:18

Синдикатот и менаџментот се договорија, сите вработени во „Југохром“ и во декември остануваат на работа. Очекуваат во најкраток рок второстепената комисија да донесе позитивна одлука по жалбата за затворање на комбинатот. Синдикатот најавува порадикални мерки, доколку не се рестартира производството.

Вработените во „Југохром“ нема да останат на улица, и во декември ќе работат- најави директорот Скендеровски. Фабриката најверојатно ќе биде затворена до крајот на месец април, односно додека не бидат изградени потребните објекти за намалување на загадувањето на Тетово и тетовско.

„Одлучив заедно во корелација со менаџментот, вработените и понатака да останат сите, без исклучок, без ниту едно отпуштање во работен однос со фабриката. Се разбира дека оваа мерка ја преземавме повторно на еден месец. Се надевам дека до тогаш и второстепената комисија на Владата на РМ ќе донесе позитивна одлука во однос на нашата жалба. Јавно го охрабрувам и Државниот инспекторат да ја повлече одлуката за забрана на работењето на Југохром“, изјави директорот Васко Скендеровски.

Претседателот на синдикатот, Амити, рече дека постојано ќе бидат во тек и очекува да биде повлечена забраната за работа.

„Министерството за животна средина и Државниот инспекторат да си ја повлечат одлуката и да донесат друга, бидејќи ако тие не се изјаснат на нашите барања, тогаш ние ќе продолжиме со протестите, кои ќе бидат порадикални“, изјави претседателот на Синдикатот на работници во „Југохром“, Бајрам Амити.

Како што најави и директорот на „Југхром“ до крајот на април ќе биде изграден погонот на системот за отпрашување, а до крајот на годината, целосниот систем. Досега, затворањето на фабриката трпи загуба од 350- 400 илјади евра месечно.

 

Елизабета Кузмановска