Ахмети: ДУИ ќе продолжи да биде чувар на албанското прашање во Македонија
Мене не ме загрижува тоа што некои македонски партии го бараат гласот на Албанците, туку ме загрижува создавањето на многуте политички партии кај нас, партии кои немаат јасна политичка агенда, рече лидерот на Демократската унија за интеграција...

Демократската унија за интеграција ќе продолжи да биде чувар на албанското прашање во Македонија, порача од Преспа, лидерот на ДУИ Али Ахмети. Тој побара Албанците да гласаат за неговата партија, посочувајќи дека со поддршка за другите партии, според него, само се ослабнува позицијата на Албанците и им се помага на македонските партии да остварат поголема победа. Мене не ме загрижува тоа што некои македонски партии го бараат гласот на Албанците, туку ме загрижува создавањето на многуте политички партии кај нас, партии кои немаат јасна политичка агенда, рече лидерот на Демократската унија за интеграција. Малите албански партии, како што рече, создадени од разни сомнителни кругови, нема да успеат да добијат толку гласови како што претендираат, туку само ќе го намалат бројот на пратеници. Додаде дека овие политички партии немаат можност да ги направат чудата што ги ветуваат, затоа што, за да се направат истите, ним им треба капацитет, а капацитетот им недостига. Сите мали опозициски партии во албанскиот политички блок треба да се обединат за да ја победат ДУИ, меѓутоа, како што додаде, на ниту еден начин не треба да се дозволи да загубат Албанците. Бидејќи албанската опозиција не се обедини, Ахмети вели дека ДУИ не знае со кого да се натпреварува. Додаде дке ДУИ не е заинтересирана Албанците да се распарчат, партијата е национална вредност, а вредностите не се градат секој ден. Меѓутоа, тоа е демократијата, нека биде политичка партија, потоа тие можат да кажат дека се подобри од нас, меѓутоа на крајот, албанскиот народ ќе реши, рече Ахмети.
Нашата мисија е, вели лидерот на ДУИ, да се соочуваме со многу предизвици и многу луѓе кои не сакаа, но ги надминавме пречките, сега сме посилни од порано. Борбата продолжува, треба да бидеме свесни дека имаме многу работа, рече Ахмети. Додаде, најважно е во новиот мандат да работиме на подобрување на квалитетот на образованието, на нови кадри. Според него, само со знаење и сила можеме да постигнеме многу. Потребно е да се договориме со соседните држави, да работиме на решавање на спорот со името, да се почитува Рамковниот договор, а и да го трасираме патот кон евроинтеграцијата, бидејќи, рече Ахмети, ние сме дел од Eвропа, а тоа е патот кој ја обезбедува и ја зајакнува нашата слобода, нашата нова економија. Функционерите на ДУИ, ги повикаа граѓаните да им го дадат својат глас, бидејќи им е потребна нивната поддршка, ги повикаа сите да се организираат во име на нивното мото „Заедно одлучуваме“.
На собирот пред присутните беа презентирани столбовите на кои се потпира платформата на Демократската унија за интеграција. Според нив,тоа се столбови кои не се само почетни точки на преговори за наредната Влада, туку се услови без кои не се може во наредниот период. Основните столбови или основните заклетви со кои Демократската унија за интеграција влегува во изборите се економската еднаквост и економскиот прогрес со точен акционен план предвиден во самата платформа. Втората точка или столб е двојазична Македонија, односно еднаква употреба на службениот албански јазик со македонскиот. Третиот столб е консензуално решавање, правната држава, рекоа од ДУИ.
Наташа Јанчиќ
