Ахмети: Со консензус да се решаваат важните прашања

01.12.2016 15:30

Според лидерот на ДУИ и носител на листата во шестата изборна единица, Али Ахмети, целта на победата на овие избори, на добивањето на мандатот е да се решат важни прашања. Демократската унија за интеграција има мисија да се соочува со предизвиците и да ги решава проблемите – изјави Ахмети.

Демокрaтската унија за интеграција својата програма ја презентираше пред жителите на Мала Речица. Според лидерот на ДУИ и носител на листата во шестата изборна единица, Али Ахмети, целта на победата на овие избори, на добивањето на мандатот е да се решат важни прашања. Демократската унија за интеграција има мисија да се соочува со предизвиците и да ги решава проблемите – изјави Ахмети. Рече дека борбата продолжува и партијата има многу работа. Со консензус мора да се решаваат сите економски прашања и со консензус мора да се носи државниот Буџет, со тоа ќе се испочитуваат волјата и интересите на Албанците. Во новиот мандат, Демократската унија за интеграција мора да работи и на подобрување на квалитетот на образованието, да работи на решавање на спорот со името, на почитување на Рамковниот договор, а и да го трасира патот кон евроинтеграцијата, бидејќи ние сме дел од Eвропа – изјави Ахмети, и додаде дека за неговата партија не е од помало значење и во НАТО, бидејќи смета оти тоа е патот кој ја обезбедува и ја зајакнува слободата на Албанците.

Пред присутните говореше и кандидатот за пратеник во шестата изборна единица, Шпреса Хадри. Таа рече дека Демократската унија за интеграција ќе продолжи со реализација на платформата за инвестиции во слободната економска зона, со капитални инвестиции во Попова Шапка и економскиот развој на планинскиот и на регионот во целост. Идната недела ќе почне реализација на проектот за гасификација на Полог, рече Хадри.

Според шефот на изборниот штаб на ДУИ, Беким Незири, важно е да се освојат повеќе пратенички места, над 10 во во шестата изборна единица. На 11 декември ќе го надминеме резултатот од 2014 година и ќе добиеме повеќе од 10 пратеника – рече Незири и додаде дека ДУИ ќе биде победник на изборите. Предизвик на изборниот штаб е да го помине резултатот од 153.000 гласови освоени пред две години. Според ДУИ, малите политички партии немаат можност да ги направат чудата што ги ветуваат, затоа што, за да се направат истите, ним им треба капацитет, а капацитетот им недостига. Функционерите на Демократската унија за интеграција наредниот преиод до 11 декември, ќе го посетат секое село, секој град, и ќе сретнат со сите граѓани. Порачаа дека нема друга албанска политичка сила што може да ги води Албанците освен Демократската унија за интеграција и лидерот Али Ахмети.

Од партијата велат дека основните столбови со кои Демократската унија за интеграција влегува во изборите се економската еднаквост и економскиот прогрес со точен акционен план предвиден во самата платформа. Втората точка или столб им е еднаква употреба на службениот албански јазик со македонскиот. Третиот столб е консензуално решавање, правната држава, рекоа од ДУИ. Демократската унија за интеграција кампањата ја продолжува во Ростуше и Дебар.

Наташа Јанчиќ