Опасности за САД во 2017-та
Соединетите Американски Држави нема да бидат безбедни од терористички напади изведени од страна на саморадикализирани лица инспирираани од ИДИЛ во 2017-та година. Напади како последниот на поединец врз студенти на универзитетот во Охајо ќе има и во наредниот период, оценуваат американските власти. Америка презема превентивни мерки на едногодишнината од терористичкиот напад во Сан Бернардино.

Најголемата безбедносна закана по Соединетите Американски Држави во 2017-та година ќе бидат терористичките напади изведени од саморадикализирани поединци инспирирани од Исламската држава. Напаѓачите можеби ќе бидат Американци или странци коишто легално пристигнале во САД, коишто подпаѓаат под влијание на ИДИЛ преку интернет.
„Најголемиот предизвик се напади од поединци, што е релативно нов феномен. Овие луѓе се саморадикализирани, домашни екстремисти коишто живеат овде и прават насилства самостојно или со уште два тројца соучесници. Ова очигледно е најголемиот предизвик за полициските и разузнавачките служби, што ќе го имаме и во наредниот период“, смета Џеј Џонсон, секретар за „Хоумленд Секјурити“.
Екстремно строга проверка на лица коишто добиваат американска виза може да спречи дел од екстремистите коишто сакаат да извршат напади, оценува претседателот на комитетот за „Хоумленд Секјурити“ и иницијатор на закон за построга проверка во Конгресот.
„Лошата вест е дека терористите напредуваа и развија поинакви видови на закани, што е многу тешко да се откријат и запрат. Пораките на Исламската држава од Рака сега не се екстремистите да им се придружат, туку да напаѓаат дома во вашиот двор“, изјави Мајкл Меккол, конгресмен- републиканец од Тексас.
Сѐ додека ИДИЛ има пристап кон интернет не е можно да се спречи радикализацијата. Американските безбедносни служби во соработка со муслиманските заедници во Америка и подобро следење на комуникациите преку социјалните мрежи, можат да спречат идни терористички напади, оценуваат првите луѓе за домашна безбедност.
Покрај терористичките напади, идната година меѓу поголемите опасности по безбедноста ќе бидат и нелегалната имиграција и компјутерските напади.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
