Сијарто: Македонија одамна требаше да биде во НАТО и да почне преговори со ЕУ

02.12.2016 12:19

Попоски и Сијарто разговарале и за билатералната соработка и за мигрантската криза. Од идната пролет ќе биде воспоставена директна авиолинија Будимпешта- Скопје...

Македонија одамна требаше да биде членка на НАТО и да ги почне преговорите за влез во ЕУ, смета унгарскиот шеф на дипломатијата Сијарто. Со неговиот домаќин Попоски разговарале и за билатералната соработка и за мигрантската криза. Од идната пролет ќе биде воспоставена директна авиолинија Будимпешта- Скопје.

„Македонија веќе требаше да биде долго време член на НАТО, а преговорите за членство во ЕУ веќе требаше да бидат почнати уште пред повеќе години. Зошто го велам ова? Унгарија е земја која е сосед на регионот на Западен Балкан и знаеме многу добро каква е разликата кога имаме тензии во Западен Балкан и кога има мир, стабилност и просперитет. Знаеме дека најбрзот и најдобриот начин за постигнување мир, стабилност и долгорочен просперитет во Западниот Балкан е европската и евро-атлантската интеграција“, изјави Сијарто.

Шефот на дипломатијата, Попоски истакна дека на домашен план фокусот останува на завршување на изборниот процес, кој ќе ни отвори можност да ги вратиме процесите во политичкиот дел внатре во институциите, да се фокусираме на реформите и конечно да го почнеме процесот на преговори со ЕУ.