Попоски- Сијарто: Македонија заслужи членство во НАТО и ЕУ

02.12.2016 14:34

„Македонија одамна требаше да биде членка на НАТО и да ги почне преговорите за влез во ЕУ“- смета унгарскиот шеф на дипломатијата Сијарто. Со неговиот домаќин Попоски разговарале и за билатералната соработка и за мигрантската криза. Од идната пролет ќе биде воспоставена директна авиолинија Будимпешта-Скопје.

Заедничка оценка при средбата на Сијарто со Попоски е преговорите на ЕУ со земјава веќе требаше одамна да бидат почнати. Шефот на македонската дипломатија се осврна на актуелната состојба. Претстојните избори ќе овозможат крај на политичката криза, за да може Македонија да се посвети на реформите.

„На домашен план сме фокусирани на завршување на изборниот процес, кој ќе ни отвори можност да ги вратиме процесите во политичкиот дел, внатре во институциите, да се фокусираме на реформите и конечно да го почнеме процесот на преговори со ЕУ“, истакна министерот за надворешни работи, Никола Попоски.

Од Официјална Будимпешта стигнува константна поддршка за евроатлантската интеграција на Македонија. Унгарија ќе бара во Европската Унија да не се става вето на членството.

„Преговорите за членство во ЕУ веќе требаше да бидат почнати уште пред повеќе години. Зошто го велам ова? Унгарија е земја која е сосед на регионот на Западен Балкан и знаеме многу добро каква е разликата кога имаме тензии во Западен Балкан и кога има мир, стабилност и просперитет“ рече министерот за надворешни работи и трговија на Унгарија, Петер Сијарто.

Македонија е првата земја на југот на која можеме да се потпреме и која ја запре нелегалната миграција, рече Сијарто. За таа цел и натаму ќе се испраќаат контингенти унгарски полицајци во земјава. Двајцата министри се договорија за унапредување на економската соработка, а од април наредната година ќе се отвори и авиолинија Скопје- Будимпепшта.

 

Елизабета Кузмановска