Десет домашни компании добија признание за македонски квалитет
Признанијата „Македонски квалитет 2016“ ги доделува Сојузот на стопански комори под покровителство на претседателот Иванов. Македонските инвеститори се и економски амбасадори кои успешно го промовираат македонскиот квалитет.

Десет домашни инвеститори добија признанија за постигнатите деловни успеси и промоција на македонскиот квалитет на национално и глобално ниво. Признанијата „Македонски квалитет 2016“ ги доделува Сојузот на стопански комори под покровителство на претседателот Иванов. Македонските инвеститори се и економски амбасадори кои успешно го промовираат македонскиот квалитет.
„Во Сојузот на стопански комори на Македонија, членовите покажуваат особена динамика во својот развој, имаат претприемачки дух, современи се и ги следат најновите достигнувања во бизнис светот, инвестираат и се успешни во своето работење. Сите тие се позитивен пример за нашата земја и секој во својот сектор ја претставува Република Македонија во вистинско светло“, изјави претседателката на ССК, Данела Арсовска.
Според претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, кој присуствуваше на денешната манифестација, само со постојан развој и напредок на домашните компании, може да се очекува економски развој на државата.
Затоа посакувам наградените, но и сите други компании да се развиваат и да го подобруваат квалитетот на своите производи, за истовремено со нивниот раст да расте и нашата економија. Притоа, тие не треба да ја забораваат општествената одговорност која е одлика на успешните и големите и затоа е неизоставен дел од секоја успешна економија и од секое развиено општество, истакна Иванов.
