Груевски во Битола најави две нови странски инвестиции

02.12.2016 15:26

Пред битолчани партискиот лидер Никола Груевски најави две нови инвестиции на странски компании во технолошко- индустриската развојна зона „Жабени“ во Битола, во која ќе вложат над 10 милиони евра.

Коалицијата „За подобра Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ ја претстави програмата „Реално“ пред гласачите на Демир Хисар и Битола. Беа промовирани и кандидати за пратеници во петтата изборна единица. Пред битолчани партискиот лидер Никола Груевски најави две нови инвестиции на странски компании во технолошко- индустриската развојна зона „Жабени“ во Битола, во која ќе вложат над 10 милиони евра.

„Во Битола ќе инвестира компанија од Турција што се занимава со метало-преработувачката индустрија, ќе вложат 8,6 милиони евра и планираат најмалку 110 нови работни места“, рече Груевски. Градбата, според него, треба да почне за некој месец, и ќе проработи најдоцна за една година.

Втората инвестиција е на грчка компанија која се занимава со производство на изолациски пластични материјали за градежништвото за што ќе бидат вработени најмалку 150 лица, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. Додаде дека оваа инвестиција е вредна 2 милиони евра и ќе се гради на браунфилд објект.

ВМРО-­ДПМНЕ, според него, е партија што работи да им помогне на граѓаните, што се грижи за народот, за државата и нејзините државни и национални интереси, и затоа оваа партија девет пати победува, а на 11-ти декември ќе ја добие и десеттата поддршка која воедно ќе претставува, како што рече, најголемата историска победа над СДСМ. ­

Тој најави дека во Битола ќе се реализираат конкретни проекти во различни сфери- во патната инфраструктура, здравството, образованието, земјоделството и руралниот развој. ­Во Битола, како што рече Груевски, ќе се изгради нов експресен пат со 4 ленти до граничниот премин Меџитлија, во непосредна близина на зоната „Жабени“ бидејќи, според него, во таа зона во наредните 4 години ќе работат над 6.000 луѓе. Носителот на листата во Петтата изборна единица Антонио Милошоски рече дека Битола е приоритет во изборната програма „Реално“.

Во овој град, според него, се планира изградба на голема спортска сала со базен, ватерполо терен и гимнастичка сала за што ќе бидат инвестирани 13 милиони евра. Милошоски најави дека во Битола ќе се воведе гасот како енергенс во домаќинствата, ќе се изгради и топлификација за да можат граѓаните да се загреваат на гас, ќе се реновира и болницата.

Додаде дека ВМРО-­ДПМНЕ ќе го решава проблемот со воздухот во Битола, ќе им помогне во почиста околина, но како што рече, само ако бидеме сојузници меѓу себе. Пред три години бевме сведоци на опожарениот планинарски дом Копанки. Домот ќе биде обновен и тој ќе стане центар на цела Битола“, вети Милошоски. Во Битола, рече Милошоски, во 2006-та година биле пријавени вкупно 27.000 како вработени лица, а денес во 2016-та година таа бројка е над 33.000 граѓани

Сега треба да се направи последен напор за да се обезбедат слободни, правични, веродостојни и мирни избори и за резултатите од овие избори да бидат признаени и почитувани, рече Жозеф Дол, претседател на Европската народна партија, во видеопораката упатена до граѓаните присутни на митингот во Битола.

Игор Панов