Три изведби на балетскиот спектакл на мраз „Лебедово езеро“

02.12.2016 15:52

Двете претстави се распродадени и поради тоа од МОБ одлучиле на 17 декември во 18 часот да има уште една изведба на најпознатото балетско ремек дело од Петар И. Чајковски, за кое билетите веќе се во продажба.

Балетскиот спектакл „Лебедово езеро” во изведба на Државниот балет на мраз од Санкт Петербург на 16 декември (21 часот) и на 17 декември (22 часот) ќе биде прикажан во Македонската опера и балет. Двете претстави се распродадени и поради тоа од МОБ одлучиле на 17 декември во 18 часот да има уште една изведба на најпознатото балетско ремек дело од Петар И. Чајковски, за кое билетите веќе се во продажба.

Ова денеска на прес-конференција го истакна директорот на МОБ, Игор Дурловски, кој рече дека доаѓа техничка екипа од Германија, која ќе го подготви теренот, а тоа е сцена од 20 на 15 метри, со 3,5 тони мраз, кој треба еден ден да се замрзне и следниот ден да биде подготвен за работа.

Уметничкиот раководител на Балетот, Олга Панго истакна дека Државниот балет на мраз од Санкт Петербург е основан во 1967 од страна на светски признатиот кореограф Константин Бојарски, кој бил првенец во познатиот балет „Марински“ и играл на сцената со Михаил Баришњков и Наталија Макарова.

Посочи дека музички директор и коосновач на оваа балетска куќа е Лео Коркин, познат руски диригент, кој стои зад целата продукција и балетот.