ДИК: Преземени сите мерки за спроведување на изборите
Државната изборна комисија е целосно подготвена за изборите на 11-ти декември. Изборниот и другиот доверлив материјал се печатат и навреме ќе се достават до општинските комисии. ДИК ги повикува членовите на општинските изборни комитети и на избирачките одбори да се воздржат од какви било партиски активности за време на изборниот процес. Во функција е бесплатната телефонска линија 0800- 555-44 за пријавување нерегуларности...

Државната изборна комисија е подготвена за целосно и законско спроведување на изборите на 11-ти декември. Гласачките ливчиња и изводите од избирачкиот список се во фаза на подготовка за печатење, заедно со останатиот доверлив изборен материјал, кој до општинските изборни комисии ќе се достави во законскиот рок. За прв пат на овие избори, изводите од избирачкиот список ќе содржат и лични фотографии од гласачите, за полесно нивно идентификување и за елиминирање на евентуални злоупотреби. ДИК информира дека изборните органи е потребно е да се воздржуваат од било каква партиска активност се до завршување на изборниот процес. Од МВР, Јавното обвинителство и Антикорупциска, Комисијата бара спроведување на нивните законски надлежности со цел одржување регуларни избори.
„Ги повикуваме сите вработени во државната и јавната администрација во текот на работното време да се воздржуваат од партиски активности, и воедно ги охрабруваме да не се плашат од евентуалните притисоци кои можат да доаѓаат од нивните претпоставени и истите да ги пријават. Апелираме и до сите гласачи да не подлегнуваат на провокации на лица кои евентуално пружаат поткуп, а кои на ваков начин сакаат да го злоупотребуваат правото на слободно, независно и демократско гласање“, изјави Љупка Гугучевска, советник во ДИК.
Домашните и странските набљудувачи имаат рок до утре да поднесат барање за овластување за следење на изборите. Во функција е и бесплатна телефонска линија 0800 555 44, преку која граѓаните може да ги пријават евентуалните нерегуларности во изборниот процес.
Милчо Велески
