Бајлoзова и Михајлова- вршителки на должност претседатели на Врховниот и на Кривичниот суд

05.12.2016 14:56

Снежана Бајлoзова е новата вршителка на должноста претседателка на Врховниот суд на РМ. Судскиот совет ја избра Бајлозова едногласно. Нов прв човек на Кривичниот во Скопје е Татјана Михајлова, таа доби 9 гласа „за“ и 4 „против“. Претседателот на Советот, Караџовски вели- според Антикорупциска за време на избори не се назначуваат претседатели и затоа тие засега ќе бидат вршители на должноста. По изборите следува ново вонредно оценување.

Судијката Снежана Бајлозова ќе раководи со Врховниот суд, а Татјана Михајлова со Кривичниот. Судскиот совет ги изгласа за ве-де претседателкии нивниот мандат ќе трае сѐ додека не бидат избрани редовните претседатели на овие два највлијателни суда, објасни претседателот на Советот, Зоран Караџовски. Судијката Михајлова која долго време била на боледување е определена да го води случајот што го покрена СЈО против поранешниот премиер за насилството во Општина Центар. За Караџовски ова не е спорно и, вели, мала е веројатноста да биде судечки судија во овој случај.

„Во одлуката образложивме за вонредно оценување, бидејќи за претседател на суд се потребни оценките од последните две години, а за в.д. претседател една година. Од тие причини и за в.д. претседател неможе да се врши вонредно оценување согласно со законот. Тоа не можам да ви кажам дали ќе биде во тој случај или не. Бидејќи претседател на суд не може и според мене не би требало да работи на предмет“, изјави Зоран Караџовски, претседател на Судски совет.

Судијката Бајлозова, пак, во јавноста е позната по случајот „Бачило“, но и по ослободителната пресуда за кондовецот Агим Красниќи. Додека, судијката Михајлова претходно го водеше случајот „Ликвидација“ во која беше осуден новинарот Кежаровски.

Редовните претседатели на овие два суда ќе бидат избрани по вонредното оценување, по завршувањето на вонредните парламентарни избори.

Последниов месец не стивнуваат превирањата во најголемиот Кривичен суд, откако прво судијата Џолев поднесе кривична пријава против претседателот на судот Панчевски за вршење притисок при донесување одлука. Непосредно потоа претставка до Судскиот совет пристигна од 13 други судии со забелешки за работата на првиот човек на скопска единица. Следуваше и писмо од судските службеници. Деновиве во јавноста излезе снимка од судски процес во судницата за кое дејствие, Караџовски смета дека треба да се произнесат други органи.

 

Андријана Атанасовска