Заев: Гласот на 11-ти декември е глас за сопствената иднина
Можности за сите, повисоки стандарди, правично општество, функционални институции. Можеме, веруваме, имаме надеж, визија, знаење и план за живот, нагласи Заев на централниот митинг, додавајќи дека клуч за напредокот на земјата е стабилноста.

Гласот на 11-ти декември е глас за сопствената иднина, добивате шанса да изберете каква иднина сaкате за вас и за Македонија, порача на централниот митинг во Скопје лидерот на Социјал-демократскиот сојуз на Македонија, Зоран Заев. Планот на СДСМ и коалицијата е, рече Заев, план што ја носи Македонија во чекор со Европа. Можности за сите, повисоки стандарди, правично општество, функционални институции. Можеме, веруваме, имаме надеж, визија, знаење и план за живот, нагласи Заев, додавајќи дека клуч за напредокот на земјата е стабилноста.
Носителот на изборната листа во првата изборна единица, Стево Пендаровски истакна дека на изборите ќе освојат над 50 мандати.
На 11-ти декември ќе се одбере иднина за живот во Македонија со враќање на правдата. Сплотени сме како никогаш досега за Македонија, рече носителот на изборната листа во втората изборна единица Оливер Спасовски.
Македонија припаѓа на сите подеднакво, како на мажите и жените така и на србите, албанците, македонците, бошњаците, ромите, власите. Оваа држава им припаѓа на младите. На 11-ти декември институциите ќе се вратат во рацете на граѓаните, рекоа говорниците на митингот.
Презентирајќи ја програмата на коалицијата предводена од СДСМ, Заев вети поддршка на домашните фирми, на малите и средни претпријатија, повисоки субвенции за земјоделците, враќање на 15 насто ДДВ, бесплатно болничко лекување.
Се обрати и до младите посочувајќи дека ги разбира нивните потреби, и оти нудат мерки за нив. 10.000 евра за отворање сопствен бизнис, бесплатен деловен простор во „старт ап центри“, кредити со само еден процент годишна камата.
Нашиот глас ќе биде за правично, праведно и еднакво општество за сите кое ќе биде посветено на граѓаните, а не на функционерите, рече Заев.
Наташа Гркова- Петрушевска
