Македонија- привлечна дестинација за американските инвеститори

06.12.2016 10:29

Македонија е конкурентна во привлекувањето странски инвестиции во однос на другите земји од регионот, е пораката од Трансатлантскиот економски форум што се одржа во Вашингтон.

Со подобрувањето на бизнис климата и олеснувањето на процедурите за започнување на бизнис, Македонија е лидер во светот, оценија учесниците на Трансатланскиот економски форум на универзитетот „Џонс Хопкинс“ во Вашингтон.

„Беше интересно да се види што прават земји кои во многу случаи се наши  директни конкуренти. Тука имаше различни земји, како Египет, Турција, Мароко кои имаат од 30 до 100 милиони луѓе, и земја како Македонија со само два милиона луѓе. Но според оние мерки коишто ние ги имаме преземено за подобрување на бизнис климата, за креирање на поволни услови и можности за инвестирање од страна на мултинационални компании, кадешто важноста на домашниот пазар не е пресудна за инвестирање, сметам дека многу добро бевме претставени и од страна на публиката, многу добро беа примени активностите и реформските мерки коишто се преземени во Македонија. И во споредба со многу поголеми земји, Македонија сепак е многу успешна во привлекување на странски инвестиции, посебно во привлекувањето инвестиции во производствениот сектор и инвестиции коишто се технолошко напредни, кои можат својата позиција во Македонија да ја искористат за подобрување на својата конкурентност и за задоволување на нивните потреби за европскиот пазар“, изјави Виктор Мизо, директор на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони.

Останатите балкански држави се на почетокот на реформите и постапките за бизнис, и според американските компании се уште се соочуваат со голема корупција.

„Не постои јасен инвестициски пат и процес, основи за инвестирање и едношалтерски постапки. Мојата порака до инвеститорите е дека треба да бидете трпеливи и креативни. Недостигот на координација помеѓу различни елементи на косовската влада и инвеститорите, се надевам ќе биде надмината“, вели Мајкл Барберопензиониран американски генерал и сопственик на компанија за мермер на Косово.

„Треба да мислиме на Балканот како на регион каде сѐ уште има силни врски помеѓу државите од поранешна Југославија. Иако овој регион е поделен на многу мали држави, сепак не треба да заборавиме дека економските врски и разбирањето на менталитетот на бизнисот меѓу овие држави, сѐ уште е многу силен“, вели Илија Студен-претседател на компанијата „Студен во Босна и Херцеговина.

„Босна и Херцеговина е многу важен пазар, особено за енергетскиот сектор. Таа е единствена држава во регионот која извезува енергија, што е важен сектор за државата“, смета Един Карабег, извршен директор на австриската банка „Сбербанк во Босна и Херцеговина.

Американските компании работат и во Алжир, Тунис и Мароко на проекти со владите на овие држави и вложуваат во областа на енергијата.

Американската администрација и американските компании сѐ уште имаат голем интерес за инвестирање на Балканот.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ