Невреме во Словенија и САД
04.02.2014 12:13
Алармантна состојба во Словенија. Продолжува снежното невреме. Обилните врнежи и силниот ветер се уште предизвикуваат...

Алармантна состојба во Словенија. Продолжува снежното невреме. Обилните врнежи и силниот ветер се уште предизвикуваат сериозни проблеми во железничкиот и во патниот сообраќај. Најголем проблем е прекинот на електричната енергија. Речиси 50.000 домаќинства поминаа уште една ноќ без струја. Училиштата и градинките се затворени, како и голем дел од јавните институции. Полицијата издаде предупредување да не се посетуваат шумите поради можност од одрони и паѓање дрвjа. Владата одржа вонредна седница на која е констатирано дека земјата е зафатена од природна катастрофа, а поправките од штетите може да траат со месеци.
Претседателот на Европскиот совет, Херман Ван Ромпуј, е во посета на Љубљана. „Ова не е најдобро време за посета. Земјата е во тешка состојба поради невремето, се надеваме дека состојбата набрзо ќе се стабилизира“, изјави Аленка Братушек премиер на Словенија.
„Сочувствувам со вашиот народ кој се соочува со сериозни проблеми, ние сме подготвени да помогнеме“ изјави Ромпуј.
Невреме и во источните делови на САД. Две лица загинаа во новиот студен бран, поради што се затворени училиштата, а илјадниците летови се откажани. Според податоците на американската национална служба, снежната покривка во Филаделфија и во Њујорк би можела да достигне 20 сантиметри.
Иако според прогнозите се очекува да престане да паѓа снег, метеоролозите велат дека во вечерните часови областа повторно ќе биде погодена од леден дожд и снег. Минатата недела во невремето што го погоди јужниот дел на САД загинаа најмалку 14 лица.
Марија Петковска
