Започна дистрибуцијата на изборниот материјал

09.12.2016 13:30

По усвоените записници дека нема никакви аномалии со печатениот материјал, под силно полициско обезбедување претпладнето започна дистрибуцијата на изборниот материјал до општинските изборни комисии. Од ДИК и битолската печатница „Киро Дандаро“ ги демантираат написите во некои од порталите дека биле испечатени 80 илјади гласачки ливчиња повеќе. За ваквата клевета ќе поднесат кривична пријава...

Под силно полициско обезбедување претпладнето започна дистрибуцијата на изборниот материјал од  печатница „Киро Дандаро“. На примопредавањето на избирачкиот материјал присуствуваа и членовите на ДИК кој ги потпишаа записниците. Тие беа едногласни во оценката дека битолската печатница за околу една недела печатењето го заврши со висок квалитет и високи безбедносни стандарди, односно од почетокот до крајот печатењето се одвиваше под 24 часовен надзор, за што на претставниците од ДИК им беа предадени и дискетите.

„Од страна на ДИК е утврдено дека печатењето е спроведено според утврдената процедура. Дека сето печатење е извршено согласно со изборниот закон потврдија и сите членови на ДИК, ставајќи го својот потпис на записниците“, вели претседателот на ДИК, Александар Чичаковски.

Сите членови на ДИК и менаџерскиот тим на печатницата „Киро Дандаро“ ги демантираат гласините што деновиве се појавија на некои од порталите дека се испечатени 80 илјади избирачки ливчиња повеќе од единствениот избирачки список со 1.784.416 гласачи.

„Под целосна материјална и кривична одговорност изјавувам дека таква работа немало ниту ќе има. Квалитетот на печатениот материјал е на крајни горни граници и согласно со пропишаните стандарди“, изјави Драги Милошевски, директор на АД „Киро Дандаро“.

Менаџерскиот тим на печатницата најави кривична пријава за порталот што ги објави овие шпекулации. Од ДИК велат дека целокупната организациона и техничка контрола на предвремените парламентарни избори е под целосна нивна контрола. Изборниот процес утре ќе го започнат пријавените болни и изнемоштени лица, како и оние што се на издржување затворска казна.

 

Стевче Митревски