Битола: Нема нарушувања на изборниот процес

11.12.2016 13:17

Од изутрината гласаат и граѓаните на конзулска Битола. До десет часот излезноста е 12,9 проценти. По традиција први на избирачките места повозрасните битолчани.

На 170 гласачки места за кандидатските листи на коалициите и политичките партии од петата изборна единица правото на глас ќе можат да го остварат 80.259 полнолетни лица запишани во единствениот избирачки список. Точно во седум часот беа отворени сите гласачки места а по традиција први повозрасните битолчани.

87- годишниот Коле Илиевски и пет години помладата Јорданка Василевска велат досега не пропуштиле избори. На гласачкото место 86 со својот глас да дадат свој придонес во демократските процеси, но и со понекоја лична и општа желба.

Засега нема пријава за некои нарушувања на изборниот процес. Има по некој случај каде гласачите ги нема на списокот по што се упатуваат во подрачната единица на ДИК. Останатите граѓани велат дека се задоволни од досегашниот тек на изборниот ден.

Дека нема нарушувања на изборниот процес во овој регион, на претпладневната прес конференција потврдија и од општинската изборна комисија.

Според обработените податоци до десет часот гласале 10.316 граѓани или 12,9 проценти од вкупно запишаните.

 

Стевче Митревски