Министрите за надворешни работи на ЕУ задоволни од изборите
Во организација на министрите на Австрија, Унгарија и на Словенија, Себастијан Курц, Петер Сијарто и Карл Ерјавец, целиот Совет за надворешни работи на ЕУ и еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан, присуствуваат на средбата со министерот за надворешни работи на Република Македонија

Министрите за надворешни работи на 28 земји- членки на Европската унија денеска во Брисел имаат работен појадок со шефот на македонската дипломатија Никола Попоски. Во организација на министрите на Австрија, Унгарија и на Словенија, Себастијан Курц, Петер Сијарто и Карл Ерјавец, целиот Совет за надворешни работи на ЕУ и еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан, присуствуваат на средбата со министерот за надворешни работи на Република Македонија за да разговараат за исходот од предвремените парламентарни избори.
„Многу сум среќен што после тежок период Македонија имаше фер избори, и сега мислам дека е неопходно да се обидат да формираат стабилна влада во најскоро време“, изјави за МРТ австрискиот министер за надворешни работи, Себастијан Курц.
„На почетокот сакам да им честитам на нашите македонски пијатели што изборите поминаа во фер и слободна атмосфера. Мислам дека никој не треба да се сомнева во тоа. Ако се земат в предвид критиките од ЕУ и западните партнери против Македонија, во контекст на избориот процес, за што бевме сведоци изминативе месеци и години, сега се испорачани фер и демократски избори, нема жалби. Ние се надеваме дека ќе биде формирано стабилно мнозинство, стабилна Влада која ќе го продолжи евроинтеграцискиот пат“, вели министрерот на надворешни на Унгарија, Петер Сијарто.
Министерот за надворешни Попоски, смета дека идната година ЕУ мора да направи исчекор и да отпочне процес на преговори со Република Македонија.
„Ситуацијата која опстојува од 2009-та година со повторени препораки од Комисијата, без одлучување од страна на Советот, односно земјите- членки, не би требало да се повтори во услови кога многу од сите критериуми кои беа поставени во претходниот временски период беа остварени, вклучително и успешното спроведување на фер и демократски избори. Со ова сметаме дека во 2017-та година мора да има сериозно исчекорување и придвижување кон интеграција на Република Македонија во ЕУ, која мора да отпочне со процес на преговори“, изјави за МРТ шефот на дипломатијата, Никола Попоски.
