Државна изборна комисија

Прелиминарни резултати: ВМРО-ДПМНЕ 452.709, СДСМ 436.469 гласови

12.12.2016 14:17

Очите на постизборна Македонија се вперени кон Државната изборна комисија, од каде што треба да соопштат која партија колку мандати освоила на предвремените избори. Според прелиминарните резултати на Комисија, коалицијата „За подобра Македонија“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, освоила 16.240 гласови повеќе од Коалицијата предводена од СДСМ. Во Уставот на земјава стои дека конститутивната седница на новоизбраниот парламентарен состав треба да се одржи 20 дена по изборите.

Од обработените 99,72 насто од гласовите, или од 3.514 од вкупно 3.524 избирачки места, Коалицијата „За подобра Македонија“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ освоила 452.709 гласови, односно 38,6 проценти, СДСМ и Коалицијата 436.469 или 36,69 насто од гласовите, ДУИ 86.812 или 7,3 насто, БЕСА 57.092 или 4,87 проценти од гласовите. Алијанса за Албанците освои 35.091 глас или 2,95 насто, а ДПА, 31.017 односно 2,61 процент од пребројаните гласови. Коалицијата ВМРО за Македонија има 24.449 гласови, или 2,6 насто, Левица 12.119 или 1,02 процента, Коалицијата за промени и правда, 10.083 гласа, или 0,85 насто, Либералите добија 3.840, односно 0,32 проценти од гласовите, а ПДП 1.142 или 0,10 проценти. Гласале 66,88 насто или 1.189.481 граѓанин.

Според првичните резултати од ДИК, ВМРО-ДПМНЕ има водство во втората, третата, четвртата и петтата изборна единица, СДСМ во првата, а интегративците водат во шестката. Според претседателот на ДИК Чичаковски, засега нема приговори за вчерашното гласање.

Според највисокиот акт на државата, новоизбраниот парламентарен состав се состанува на конститутивна седница најдоцна 20 дена по изборите. Ја свикува претседателот на парламентот од претходниот состав. Доколку седницата не се закаже во предвидениот рок, пратениците сами се состануваат и го конституираат Собранието 21 ден од денот на завршувањето на изборите.

Во рок од 10 дена од конституирањето на Собранието, претседателот на државата го доверува мандатот за состав на Владата на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието.

Мандаторот пак, има 20 дена до Собранието да поднесе програма и да ги предложи министрите. Владата се избира со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

 

Милчо Велески