Потребни се мерки за подобрување на планинскиот, бањскиот и транзитниот туризам

12.12.2016 14:52

Стимулативни мерки за подобрување на планинскиот, бањскиот и транзитниот туризам бара Здружението за угостителство и туризам при Стопанската комора на Македонија. Подобрување на патната, хотелската инфраструктура и подобрување на квалитетот на персоналот, за привлекување на поголем број туристи.

Да се подобри патната и хотелска инфраструктура, квалитетот на ресторанските услуги и персоналот преку стимулативни мерки, бараат од Здружението за угостителство и туризам. Сметаат дека е потребно земјава да развие модерни центри за туризам кои би биле конкурентни. Во моментов, велат од Здружението, по должина на Коридорот 10, каде што транзитираат странски гости, нема ниту еден хотел.

Според туристичките работници, државните институции и бизнис секторот треба заеднички да ги креираат политиките, да се спречи нелојалната конкуренција ,а туристичките агенции во понудата да стават акцент и на домашниот туризам.

Од Стопанската комора велат дека ако сериозно не се сфатат забелешките на туристичките работници, нема да може да се реализираат проекциите од стратегијата за туризам до 2020 година кои предвидуваат туризмот да учествува со пет отсто во БДП.

Според податоците од 2010 до 2016 година во буџетот се слеале околу 900 милиони евра од девизниот ефект на туризмот, субвенциите за странски туристи изнесувале вкупно 10 милиони евра. 

 

Дијана Ценевска