И ГРУЕВСКИ И ЗАЕВ ПРОГЛАСИЈА ПОБЕДА

Победи демократијата, следува формирање коалиции и Влада

12.12.2016 16:14

По парламентарните избори, славеа и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Оценија дека победи Македонија. Ахмети е незадоволен од намалувањето мандатите во албанскиот кампус, БЕСА го славеше постигнатиот резултат, во таборот на Демократската партија на албанците, Мендух Тачи ја презеде одговорноста.

Победи Македонија, народот, нејзините граѓани е оценка на лидерите на политичките партии- учеснички на предвремените парламентарни избори. Некој повеќе некој помалку задоволен, но сепак тонот е дека во Македонија победи демократијата преку фер и демократски одржаните избори. Следува формирање на коалиции и Влада.

На изборите не ни беше противник само СДСМ, констатираше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски во обраќањето до граѓаните.

„ВМРО-ДПМНЕ на овие избори имаше исклучително тежок противник, затоа што тоа не беше само СДСМ и тоа сите добро го знаете. Затоа ова победа има една посебна тежина и посебна важност, особено кога ќе се погледне наназад во изминатите две ипол години низ што се поминавме и ние како партија и коалиција, но и Република Македонија. Затоа оваа победа има особена важност и особена тежина“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

Од денеска Македонија отвара нова страница за убава иднина, за живот на сите нејзини граѓани, победивме сплотено, здружено, единствено да живее Македонија- констатираше пред Владата на Македонија, претседателот на Социјал-демократскиот сојуз, Зоран Заев.

„Покажавме со многу трпение, со многу посветеност, му покажавме на цел свет, но најважно ставивме печат во оваа мултиетничка наша Македонија, дека Македонија ќе биде напредна, ќе биде слободна, ќе биде единствена, сплотена земја. Радувајте се!“, рече лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

Али Ахмети, пак со посмирен тон оцени дека земјава покажала зрелост во организирањето слободни избори. ДУИ ќе работи, рече Ахмети земјата да оди напред кон целосна стабилизација.

„Со гнев велам дека албанците изгубија мандати. ДУИ победи на избори, но мене секогаш ме интересирало да победат албанците во прв ред. Не ме радува победата на ДУИ. ДУИ ќе остане одлучна во правец на одбрана на нејзината доктрина, која ја претстави пред албанците во земјава“, изјави лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

Мендух Тачи пак го призна лошиот резултат на неговата Демократска партија на албанците и целосно ја презеде одговорноста за лошиот резултат. Но, ја упати поддршката кон БЕСА и НДП. Во БЕСА, пак, се задоволни од лошиот резултат на ДУИ, велат доаѓа подобар живот за албанците.

На овие избори победија албанците а, изгуби ДУИ. Преродбата на БЕСА и НДП беше една нова политичка понуда која излезе на виделина, ја освежи политичката сцена во Македонија и покрај разочарувањето од деградираните политики на ДУИ. На албанците им даде можност да гласаат за една албанска опција. Од утре за албанците во Македонија доаѓа нов живот“, изјави Билјал Касами од БЕСА.

ВМРО-ДПМНЕ констатираше дека Социјал- демократите со пристапот кој го имаа во кампањата собрале повеќе гласови во доминантно албански средини, додека пак албанскиот блок партии беа насочени исклучиво кон нивната етничка заедница.

 

Миле Ристески