Курц и Сијарто очекуваат да се формира стабилна влада

12.12.2016 16:29

Шефот на дипломатијата Попоски во Брисел на средба со министрите за надворешни работи на земјите- членки на Европската унија и еврокомесарот Хан. Првите реакции по изборите во земјава простигнаа од министрите за надворешни на Австрија и на Унгарија. Оценија дека Македонија успешно организирала фер и демократски избори, очекуваат да се формира стабилна влада.

Фер, слободни и успесно организирани избори во Република Македонија- ова се впечатоците на шефовите на дипломатиите на Австрија и Унгарија, кои заедно со Словенија беа организатори на работниот појадок на министрите за надворешни работи на земјите- членки на ЕУ, на кој учествуваше и македонскиот шеф на дипломатијата, Никола Попоски. Нивните очекувања се што побрзо да се формира стабилна влада.

„Многу сум среќен што после тежок период Македонија имаше фер избори, и сега мислам дека е неопходно да се обидат да формираат стабилна влада во најскоро време“, изјави за МРТ австрискиот министер за надворешни работи, Себастијан Курц.

„На почетокот сакам да им честитам на нашите македонски пијатели што изборите поминаа во фер и слободна атмосфера. Мислам дека никој не треба да се сомнева во тоа. Ако се земат в предвид критиките од ЕУ и западните партнери против Македонија, во контекст на избориот процес, за што бевме сведоци изминативе месеци и години, сега се испорачани фер и демократски избори, нема жалби. Ние се надеваме дека ќе биде формирано стабилно мнозинство, стабилна Влада која ќе го продолжи евроинтеграцискиот пат“, вели министрерот на надворешни на Унгарија, Петер Сијарто.

Денешната средба на Попоски со министрите за надворешни работи на ЕУ, а на која присуствуваше и еврокомесарот за преговори за проширување, Јоханес Хан, е во функција на повторно враќање на европската агенда на Република Македонија. Во тој правец тој истакна дека вчерасното успесно оргаизрање на изборите е најкрупната придобивка, бидејќи претставуваше еден од предусловите за завршување на политичката криза.

„Ситуацијата која опстојува од 2009-та година со повторени препораки од Комисијата, без одлучување од страна на Советот, односно земјите- членки, не би требало да се повтори во услови кога многу од сите критериуми кои беа поставени во претходниот временски период беа остварени, вклучително и успешното спроведување на фер и демократски избори. Со ова сметаме дека во 2017-та година мора да има сериозно исчекорување и придвижување кон интеграција на Република Македонија во ЕУ, која мора да отпочне со процес на преговори“, изјави за МРТ шефот на дипломатијата, Никола Попоски.

Денеска во Брисел се одржува и состанокот на Советот на ЕУ, каде треба да се донесат заклучоците за Самитот на ЕУ, кој ќе се одржи во четврток идната недела.

 

Марина Стојанова- Тонева, постојан дописник од Брисел за МРТ