Бејли: Идната влада конструктивно да соработува со опозицијата

12.12.2016 17:01

Аамбасадорот Џес Бејли укажа дека ќе мора да се надминат некои институционални недостатоци во ДИК...

Американскиот амбасадор Џес Бејли во изјава за медиумите оцени дека изборите поминале во мирна атмосфера, со помали недостатоци и изборни нарушувања. Укажа дека ќе мора да се надминат некои институционални недостатоци во ДИК.

„САД ги поздравуваат сите граѓани кои го исполниле своето право да гласаат на изборите на 11-ти декември. Ги поздравуваме прелиминарните оценки на ОБСЕ/ОДИХР и дека беа испочитувани фундаменталните слободи. Излезноста беше добра, а изборите беа спроведени мирно со неколку нерегуларности. Ја изразуваме загриженоста на мониторинт тимот на Американската амбасада за административните подготовки за изборите и ја повикуваме идната влада да продолжи на градење на капацитетите на ДИК и да ги разреши структурните и правните прашања кои се однесуваат на избирачкиот список“, изјави американскиот амбасадор.

Бејли нагласи дека изборите на 11-ти декември беа важен чекор за излегување на Македонија од политичката криза.

„Ги охрабруваме партиите кои ќе ја оформат идната влада, конструктивно да соработуваат со опозицијата на спроведувањето на реформите кои што ќе овозможат продолжување на процесот на евроатланските интеграции, особено во однос на владеење на правото“, рече амбасадорот Бејли додавајќи дека САД како и други членови на меѓународната заедница остануваат партнери на Македонија во однос на овие цели.