Разлика од два мандата: Тесна победа на ВМРО-ДПМНЕ наспроти СДСМ

13.12.2016 10:37

Откако го провери и го прогласи за валиден избирачкиот материјал, ДИК доцна синоќа ги обелодени изборните, но првични резултати. Тесна победа на ВМРО-ДПМНЕ наспроти СДСМ, разлика од два мандата, кому сепак му се отвораат уставните можности за формирање влада. Комисијата го очекува конечниот извештај на ОДИХР, мисијата за надгледување на изборите на ОБСЕ за да го унапреди процесот на работењето.

Победа на ВМРО-ДПМНЕ со 51 мандат за 12-тиот собраниски состав. Тесна разлика, СДСМ освои 49 пратенички места. Излезноста достигнала 66,82 насто, односно гласале 1.191.521 македонски државјанин со право на глас. ВМРО-ДПМНЕ има 454 илјади гласови или 38,12 насто додека СДСМ, околу 436 илјади или 36,66 насто. Останатите мандати во законодавниот дом се прераспределуваат меѓу ДУИ, БЕСА, Aлијансата и ДПА.

„Распределбата на мандатите за овие избори е следната: ВМРО-ДПМНЕ 51 мандат, ДПА 2 мандата, ДУИ 10 мандати, СДСМ 49 мандати, Алијанса за албанците 3 мандати, БЕСА 5 мандати“, изјави претседателот на ДИК, Александар Чичаковски.

Изборното соочување меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ особено било изразено во 4-та единица кадешто е регистрирана највисока излезност од 75%. Носители на листите беа лидерите Груевски и Заев. Слично било и во првата со над 73,6%, додека најниска е забележана во во 6-та единица или 51,3%.

„Подносителите на листи на мандати имаат право да поднесат приговори до ДИК за постапката за гласање, сумирање и утврдување на резултатите во рок од 48 часа по завршувањето на гласањето, односно 48 часа по објавувањето на првичните резултати. Приговорите за постапката за гласање може да се поднесуваат најдоцна до 19 часот, додека рокот за поднесување приговори за постапката за сумирање и утврдување на резултатите истекува во среда во 3 часот наутро. ДИК е должна во рок од 48 часа по приемот на секој приговор да донесе одлука по истиот. Против одлуката на ДИК, подносителот на приговорот може да поднесе тужба до Управниот суд во рок од 24 часа“, изјави портпаролката на ДИК, Љупка Гугучевска.

За неважечките гласови, Чичаковски рече дека сѐ уште за нив се собираат извештаите кои наскоро ќе бидат достапни за јавноста. Сепак, неважечкото ливче е став на гласачите, а не на изборните комисии, дополни. ДИК го очекува финалниот извештај на ОБСЕ за да утврди на кој начин може да го подобри работењето на општинските комисии и на избирачките одбори.

 

Зоран Богатинов