Хан и Могерини честитаа, очекуваат брзо формирање влада и активна опозиција

13.12.2016 11:03

Двајцата европски претставници побараа победниците на изборите брзо да формираат влада, а губитникот да биде активна опозиција.

Високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на Европската унија, Федерика Могерини и еврокомесарот за преговори за проширување, Јоханес Хан, доцна синоќа излегоа со позитивна оценка за парламентарни избори во Македонија.

Двајцата европски претставници побараа победниците на изборите брзо да формираат влада, а губитникот да биде активна опозиција.

Неделните предвремени парламентарни избори минаа на мирен и уреден начин, со добар одѕив на гласачите. Овие вонредни парламентарни избори беа клучен елемент на договорот од Пржино. Тие и нудат на земјата клучна можност за обнова на демократски, конструктивен дијалог за надминување на долготрајната политичка криза и обединување зад заедничка цел на евро-атланските интеграции, порачаа Могерини и Хан во заедничката реакција.

Со нетрпение очекуваме брзо формирање на новиот Парламент и на новата Влада и спроведување реформи за решавање на системското владеење на правото, а исто така и на итните реформски приоритети. Владата и опозицијата треба да продолжат со спроведување на претходните политички договори во целост, вклучувајќи поддршка на работата на Специјалното обвинителство, додаваат Могерини и Хан.

Европската лидерска двојка за Балканот порача и дека Европската унија ќе продолжи да ја поддржува земјата во процесот на реформи и на нејзиниот пат кон европската интеграција.