Совет на ЕУ: Позитивната оценка за изборите клучна за евроинтеграцијата на Македонија

13.12.2016 12:32

Позитивната оценка според извештајот на ОБСЕ/ОДИХР за предвремените парламентарни избори, е клучна за Република Македонија во однос на нејзиниот статус во европските интеграции.

Советот за општи работи на Европската унија, денеска во Брисел треба да го усвои пакетот за проширување на Европската комисија и да донесе заклучоци за Самитот на Европскиот совет закажан за в четврток. Позитивната оценка според извештајот на ОБСЕ/ОДИХР за предвремените парламентарни избори, е клучна за Република Македонија во однос на нејзиниот статус во европските интеграции.

Според драфт заклучоците во однос на Република Македонија и кандидатскиот статус на членство во ЕУ, Советот најпрво го потврдува својот заклучок од декември 2015-та година, на посветеноста на Унијата во рамките на Солунската агенда и кандидатскиот статус на Република Македонија.

Во тој поглед, Советот ја повторува својата недвосмислена посветеност на процесот на пристапување во ЕУ на Македонија. Се поздравува договорот постигнат од политичките лидери на 20-ти јули годинава за натамошна имплементација на договорот од Пржино.

Во драфт-заклучоците, Советот забележува дека земјата продолжува да страда од поделби на политичката средина, поларизацијата и недостаток на култура на компромис, со назадување во важни области како што се функционирањето на судството, кое треба да биде дозволено да функционира независно.

Се повторува и важноста од темелна и независна истрага, без пречка, од обвинувањата за прекршоците од скандалот со прислушувањето.