Брисел: Позитивна оценка за изборите

13.12.2016 15:28

Европската унија го поздрави спроведувањето на изборниот процес во Македонија и во заклучоците од Советот за општи работи кој одржува состанок во Брисел. Во драфт - верзијата на документот, за земјава се потсетува на важноста на мандатот на Специјалното јавно обвинителство, а се поздравува улогата на Македонија во справувањето со бегалскиот бран.

Позитивната оценка на Европската унија за предвремените парламентарни избори во Македонија, која доцна синоќа ја истакнаа високата претставничка за надворешна политика, Федерика Могерини и еврокомесарот Јоханес Хан, а се базира на извештајот на набљудувачката мисија ОБСЕ, е клуцна за земјата во однос на нејзиниот статус во европските интеграции. Ова е дел и од заклучоците кои денеска во Брисел, Советот за општи работи на ЕУ ги усвоујва во рамките на пакетот за проширување на Европската комисија, а кои следната недела ќе се најдат на агендата на Самит на ЕУ.

Советот го поздравува договорот на политичките партии од јули годинава, за имплеметација на Пржинскиот договор кој овозможи организирање на предвремени парламентарни избори во согласност со меѓународните стандарди, но во исто време изразува загризеност за длабока поделеност на политичката средина и нотира забелешки во однос на функционирањето на судството.

Советот за општи работи потсетува на важноста на мандатот и работата на Специјалното јавно обвинителство, и повикува да им се дадат услови за непречено извршување на нивната работа, и во тој контекст ја потенцира потребата за темелна и независна истрага на скандалот за прислушувањето.

Во заклучоците кои денеска се најдоа на маса, министрите за надворешни работи на земјите- членки на Унијата, констатирано е и унапредување на добрососедските односи со Бугарија, како и улогата на Македонија во спрецувањето на бранот на илегални мигранти на европското тло.

Во документот, Советот ја повторува својата недвосмислена посветеност на процесот на пристапување на Македонија во ЕУ, иако веќе е познато дека во наредните три години нема да има нова земја- членка во Унијата.

 

Марина Стојанова- Тонева, постојан дописник од Брисел за МРТ