Состојбата со грипот не е алармантна

13.12.2016 15:38

Состојбата со грипот не е алармантна, тврдат лекарите. Во првата недела од месецов над 250 граѓани со симптоми на грип побарале лекарска помош. Со здрава исхрана да се зголеми имунитот на хронично болните и децата, советуваат лекарите.

Состојбата со грипот не е алармантна, велат лекарите. Пикот се очекува по завршување на зимскиот распуст. Според податоците од Институтот за јавно здравје во првата недела од месецов повеќе од 250 граѓани со симптоми на грип побарале лекарска помош. Со здрава исхранa да се зголеми имунитот на хронично болните и децата, советуваат лекарите. Симптомите на грип се зголемена температура, малаксаност, кај децата се јавува и повраќање и дијареа.

„Да не се посега веднаш по земање на антибиотик, туку да се направи крвна слика да се исклучи постоење на бактериска инфекција, да се следи состојбата. На почетокот се прима симптоматска терапија, најчесто тоа се антипиретици кои ќе ја намалат високата температура и секако дека тие денови се седи во изолација за подобро заздравување и побрзо враќање на организмот во витална состојба“, изјави д-р Анита Димоска, раководител во Итна медицинска помош.

Лани не се прогласи епидемија на грип, лекарите се надеваат дека таа слика ќе се повтори и годинава. Оптимизам влева и тоа што се повеќе граѓани се вакцинираат против сезонските вируси.

 

Андријана Атанасовска