МОСТ: Нерегуларности во постапката за гласање

13.12.2016 15:44

Прелиминарната оценка на граѓанската асоцијација МОСТ е дека изборите поминале со висока излезност, и како што рече Алексов, со нерегуларности во постапката на гласањето и сериозни индиции за поткуп.

Изборниот ден помина со висока излезност,нерегуларности во постапката на гласање и сериозни индиции за поткуп и притисоци врз гласачите на одредени гласачки места. е прелиминарната оценка на Граѓанска асоција МОСТ за гласањето на 11-ти декември. Оттаму забележале агитација пред гласачките места и фотографирање на гласачките ливчиња што, според МОСТ, укажува дека имало притисоци и уцени надвор од гласачките места. Набљудивачите на оваа граѓанска асоцијација евидентиралеи семејно гласање и непочитување на тајноста на гласањето, злоупотреба на постапката за гласање на избирачи кои не можат да гласаат сами, пропусти во објаснувањето на начинот на гласањето на избирачите, како и за избирачи кои не можеле да се пронајдат во Избирачкиот список.

„Во моментов тече рокот за поднесување на приговори за гласањето и доколку бидат поднесени вакви приговори, апелираме до ДИК истите сериозно да ги разгледа и да одлучува конзистентно и во согласност со Изборниот законик и меѓународните добри практики, имајќи предвид дека со оглед на многу малата разлика во освоените гласови на учесниците во изборите, нејзините одлуки можат да влијаат на конечните резултати и распределбата на мандатите во одредени изборни единици“, изјави Дарко Алексов, граѓанска асоцијација МОСТ.

Од МОСТ тврдат дека во текот на кампањата не изостанале притисоците врз вработените во јавниот сектор да посетуваат партиски митинзи или да гласаат за владејачката партија, апродолжил и трендот на присуството на функционери на партиски настани во текот на работното време, како и злоупотребата на јавни ресурси. Дел од овие нерегуларности беа потврдени и од меѓународните набљудувачи, истакна Алексов и додаде дека се забележании случаи на противзаконско располагање со буџетски средства, односно промоции на започнување со изградба или пуштање во употреба на објекти финансирани со јавни пари. Изборниот ден МОСТ покривал околу 55% од вкупниот број на избирачки места.

 

Наташа Јанчиќ