Рекс Тилерсон- нов американски државен секретар
Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп наименува двајца тексашани во својот кабинет. Бизнисменот од Тексас, Рекс Тилерсон официјално е наименуван за нов американски државен секретар, а поранешниот гувернер на Тексас, Рик Пери за секретар за енергија.

Извршиот директор на нафтениот гигант од Тексас „Ексон Мобајл“, Рекс Тилерсон е новиот американски државен секретар. Тилерсон ќе биде првиот државен секретар којшто немал искуство како политичар или воен лидер. Новоизбраниот американски претседател, Доналд Трамп официјално го наименува Рекс Тилерсон за прв човек којшто ќе раководи со Стејт Департментот.
„Тилерсон е многу повеќе од бизнисмен. Тој е првокласен светски играч и е на чело на најголемата компанија во светот. Голема предност за мене е што познава многу од светските лидери“, изјави новоизбраниот американски претседател, Доналд Трамп.
Наименувањето на Тилерсон може да наиде на пречки во Сенатот бидејќи некои сенатори републиканци изразија загриженост поради неговите блиски врски со рускиот претседател Владимир Путин.
Трамп го наименува поранешниот гувернер на Тексас, Рик Пери за секретар за енергија.
На 19-ти декември, електорите официјално ќе ја објават победата на Доналд Трамп на изборите.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
