До ДИК поднесени 16 приговори за изборите
До ДИК пристигнале 16 приговори за постапката за сумирање резултати од неделните парламентарни избори. Од Комисијата појаснуваат дека со решение може да отфрли приговор и да го потврди резултатот, одосно да го прифати и поништи гласањето на одредено гласачко место. Незадоволните партии можат да поднесат жалба до Управниот суд, кој има рок од 72 часа да реши по жалбата.

Пред членовите на ДИК се 16 приговори за изборниот процес за кој треба да донесат одлука дали ќе ги уважат или отфрлат. Рокот за одговор истекува в четврток на полноќ. Осум приговори од Социјал- демократскиот сојуз и исто толку од БЕСА се однесуваат на втората и шесттата изборна единица.
Партиите приговараат на постапката за гласање, но и на сумирањето и на утврдувањето на изборните резултати. Согласно со законот, доколку партиите не се задоволни од решенијата на ДИК, можат да поднесат тужба до Управниот суд, во рок од 24 часа од решението на Комисијата. Управниот суд на Република Македонија, пак, по жалбата е должен да донесе одлука за 48 часа по приемот.
„Според Изборниот законик, ДИК резултатите ги објавува веднаш по нивната конечност, односно откако ќе заврши целата постапка по приговори, а најдоцна во рок од 24 часа што би значело дека на 19-ти декември до 24 часаот најдоцна, веќе треба да ги имаме конечните резултати“, изјави за МРТ портпаролката на ДИК, Љупка Гугучевска.
ДИК може по службена должност или по поднесен приговор, со решение да го поништи гласањето на гласачкото место во одредени случаи утврдени со Изборниот законик. Но, и за ова постојат рокови, односно незадоволните партии можат да поднесат жалба до Управниот суд кој пак има рок од 72 часа да реши.
Повторното гласање на избирачкото место се одржува 14 дена од денот на изборите.
Миле Ристески
