Во оптек нови банкноти од 200 и 2.000 денари

14.12.2016 14:55

Од утре ќе бидат пуштени во оптек книжни пари во нови апоени од 200 и 2.000 денари, а ќе бидат повлечени банкнотите од 5.000 денари. Одлуката за издавање произлегува од реално согледаната потреба за ребалансирање на постојната апоенска структура што е во оптек, соопшти Народна банка.

Новите книжни пари од 200 и 2.000 денари се пуштени во оптек. Во историјата заминаа банкнотите од 5.000 денари, кои многу ретко се употребуваа, нивната примена во секојдневните трансакции беше незначителна. Од Народна банка со став- со новите пари се очекува урамнотежување на побарувачката.

„Ваквата одлука е донесена врз основа на истражувања и анализи на сите постоечки фактори, при што се утврди дека постојат реални потреби за воведување на двата нови апоена. Воведувањето ќе овозможи зголемување на понудата на апоените што се на располагање при вршење готовински трансакции, а како секундарен ефект се очекува урамнотежување на побарувачката за одредени деноминации“- стои во објаснувањето на Централната банка.

Постоечката апоенска структура на книжните пари што се во оптек од 8-ми септември 1996-та година до денес нема претрпено промени, воведувањето на овие два нови апоена претставува прва промена којашто се спроведува по период од 20 години.

Деловните банки ќе ги заменуваат книжните пари со апонска вредност од 5.000 денари од 15-ти декември 2016-та година до 28-ми февруари 2017-та година, а од 1-ви март 2017-та година нивната замена ќе се врши од страна на Народната банка.

 

Сузана Фиданска- Стоевска