Лавров „крена раце“ од САД
Лавров истакна дека полага голема надеж во преговорите со Турција, наведувајќи дека тие би можеле да бидат многу поефективни од повеќемесечните преговори со САД. Русија и Турција посредуваа во договорот за примирје и евакуацијата на цивилите и бунтовниците од источно Алепо.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека последните разговори со САД околу ситуацијата во Сирија не вродиле со плод. Лавров истакна дека полага голема надеж во преговорите со Турција, наведувајќи дека тие би можеле да бидат многу поефективни од повеќемесечните преговори со САД.
„Се надевам дека во наредните два, три дена ситуацијата во Алепо ќе се среди. Формиравме хуманитарни коридори преку кои десетици илјади цивили веќе заминаа. Исто така на бунтовниците им е понуден безбеден излез само за конечно да си заминат“, изјави министерот за надворешни на Русија, Сергеј Лавров.
Русија и Турција посредуваа во договорот за примирје и евакуацијата на цивилите и бунтовниците од источно Алепо. Руското Министерство за одбрана соопшти дека бунтовниците во Алепо рано изутринава продолжиле со напади кои биле одбиени од силите на сириската влада, во областите на Алепо, кои бунтовниците и натаму ги држат под контрола.
Сириските бунтовници меѓутоа тврдат дека владините сили продолжиле да извршуваат ракетни напади во источниот дел на Алепо. Сирискиот центар за човекови права претходно соопшти дека се нејасни причините заради кои е забавена евакуацијата од реони во Алепо што се под контрола на бунтовниците.
Во меѓувреме, сирискиот претседател Асад изјави дека нападот на екстремистичката групација Исламска држава врз Палмира е реакција предизвикана од успесите на сириската армија во Алепо и обид да се оттргне вниманието на воените сили од тој град. Асад истакна дека џихадистите сакаат да ја поткопаат победата во Алепо и истовремено да го оттргнат вниманието на сириската армија од Алепо. Според него нападот на ИД врз Палмира „не предизивкува интерес“ во западните медиуми.
Марина Автовска
