Поголема заштита за децата- бегалци

14.12.2016 15:32

Недостатокот од заштита и хуман третман за време на мигрантската криза го почуствуваа сите, но најмногу децата- оценка на народниот правобранител Иџет Мемети. Бројките покажуваат дека од почетокот на мигрантската криза 10.000 деца непридружувани ја поминале македонската граница, а во моментов во безбедната куќа се сместени пет деца.

Најпогодени од ужасите на војната беа децата, а институциите во повеќето земји биле затечени и неподготвени за справувањето со бегалската криза, заклучок на народните правобранители на Југоисточна Европа.

Според македонскиот омбудсман Мемети, политиките и активностите што ги преземаа државите како одговор на бегалската криза ја отсликаа нивната немоќ да го менаџираат и координираат бегалскиот бран. Покрај децата, нехуман третман претрпеле жените, старите и изнемоштени лица. Нам ни останува постојано да апелираме и гласно да зборуваме за овој проблем- велат народните правобранители од регионот.

Околу 10.000 деца, најчесто сами и без придружба транзитирале низ Македонија- велат од Канцеларијата на народниот правобранител. Во моментов во безбедната куќа на граничниот премин Табановце се згрижени пет деца. Од „Меѓаши“ со став дека Европа и Македонија недоволно се грижеле за децата, што е спротивно на Конвенцијата за заштита на децата.

Состанокот на омбудсманите е финансисиран од организацијата „Save the children“, за да се најдат решенија за подобрување на состојбата со децата- бегалци.

 

Викторија Милевска