Сирија: Нови напади во Алепо, одложена евакуацијата
Стотици цивили гинат на боиштата во Алепо. Прекршен договорот за примирје. Жестоки борби и гранатирање во сирискиот град. Заглавени луѓе чекаат на евакуација.

Повеќе цивили се убиени и ранети во воздушните и ракетни напади на силите на претседателот Асад и руската војска на последните делови на источно Алепо кои се под контрола на опозицијата. Двете страни претходно договорија прекин на огнот и евакуација на борците на опозицијата и цивилите кои требаше да преминат во соседната покраина Идлиб.
„Навистина не знам што да кажам. Се надевам дека ќе сторите нешто за Алепо, за ќерка ми, за другите деца. Не им верувајте на ОН, не и верувајте на меѓународната заедница. Не мислете дека не им одговара ова што се случува. Тие се задоволни што не убиваат, што се соочуваме со еден од најтешките, најсериозните и најужасните масакри во поновата историја“, вели Абдулкафи Алхамдо, жител на Алепо.
Иако евакуацијата требаше да почне по полноќ, се уште никој не е евакуиран. Од ОН велат дека не учествуваат во евакуацијата, но дека се подготвени да пружат помош. Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека последните разговори со САД околу ситуацијата во Сирија не вродиле со плод. Лавров истакна дека полага голема надеж во преговорите со Турција, наведувајќи дека тие би можеле да бидат многу поефективни од повеќемесечните преговори со САД.
„Се надевам дека во наредните два, три дена ситуацијата во Алепо ќе се среди. Формиравме хуманитарни коридори преку кои десетици илјади цивили веќе заминаа. Исто така на бунтовниците им е понуден безбеден излез само за конечно да си заминат“, вели Лавров.
Руското министерство за одбрана соопшти дека бунтовниците рано изутринава продолжиле со напади кои биле одбиени од силите на сириската влада. Сириските бунтовници меѓутоа тврдат дека владините сили продолжиле да извршуваат ракетни напади во источниот дел на Алепо. Сирискиот центар за човекови права претходно соопшти дека се нејасни причините заради кои е забавена евакуацијата од реони во Алепо што се под контрола на бунтовниците.
Марина Автовска
