МНР на Русија: Да се почитува волјата на гласачите

14.12.2016 16:13

Официјална Москва ги повика сите политички сили во Македонија да ја почитуваат волјата на гласачите, да дејствуваат во рамките на Уставот, и да ги избегнуваат контрапродуктивните надворешни влијанија при формирањето на новата влада.

Руското Министерство за надворешни работи испрати соопштение во кое констатира дека предвремените парламентарни избори во Македонија се одржале во фер и демократска атмосфера без битни повреди на универзално прифатените стандарди и покрај напнатата политичка ситуација. Ваквата оценка стигнала и од групата руски претставници кои беа дел од меѓународните набљудувачи.

Официјална Москва ги повика сите политички сили во Македонија да ја почитуваат волјата на гласачите, да дејствуваат во рамките на Уставот, и да ги избегнуваат контрапродуктивните надворешни влијанија при формирањето на новата влада.

Во соопштението стои дека веруваат дека македонските политичари се свесни за степенот на одговорноста за зачувување на стабилноста во Македонија и меѓуетничката хармонија, кои се неопходен фактор за мир во целиот балкански регион.

Русија, како што се наведува во соопштението, очекува приоритетите на новата влада на Република Македонија да бидат избалансирани и да се фокусираат на зајакнување на мирот и безбедноста на европскиот континент.