МТВ одбележува 52 години од емитувањето на првиот Дневник

14.12.2016 17:09

14-ти декември, темелник во историјата на телевизијата во Македонија. МТВ одбележува 52 години од емитувањето на првиот Дневник. Брзо и динамично, со голема концетрација и јасна цел. Вака поминува работниот ден на новинарите во дневно- информативната редакција. Секоја информација внимателно обработена, за да стигне точна и на време до гледачот. Фокусот на дневното информирање непроменет сите овие години.

На днешен ден пред 71 година Телевизија Скопје ги емитуваше првите вести на македонски јазик. Со оскудна техничка опрема преку првиот поставен предавател на Црн Врв, малата новинарска и техничка екипа од импровизирано студио направено од лимен хангар го реализираше во живо телевизискиот дневник, кој траеше 20 минути, а кој редовно точно во 18 часот и 15 минути се емитуваше 5 дена во неделата.

Јавноста можеше да проследи и повеќе телевизиски емисии од сите жанрови, кои беа подготвувани според програмската шема која се подготвуваше во рамките на тогашната Југословенска радио- телвизија.

Откако беа извршени сите технички подготовки, од предавателот Црн Врв беа реализирани и повеќе директни преноси што се случуваа во земјата, од политчки, културен и спортски карактер.

Годините кои што следуваа изминаа во знакот на заокружувањето  на аналогниот телевизиски модел, каде што во работа беа пуштени сите телевизиски предаватели кои и денеска се базични пунктови на телевизиската мрежа на МРТ.

Велат дека светот ќе се гледаше на поинаков начин да не постоеше телевизијата. Често пати нарекувана волшебна кутија, телевизијата ја има и ќе ја има главната улога во креирањето на јавното мислење, на политичкиот, општествениот и на јавниот живот. Затоа МТВ има своја приказна од формирањето до денес, медиум кој го помина патот автентично забележувајќи ги како на филмска лента, сите настани со кои растеа генерациите. Медиум којшто со промените на Балканот и во Европа, беше исправен пред нови почетоци и предизвици.

МТВ од 1993-та година е постојана членка на Евровизија со седиште во Женева. МТВ е медиум кој што технолошките и комуникациски иновации денеска зрачи со дигитален сигнал до гледачите, а со цел да одговори на својата задача како јавен сервис, заземајќи го своето место во македонскиот плурален медиумски простор.

 

Мирјана Василева