ДИК досега отфрли четири приговори на движењето БЕСА

15.12.2016 14:55

Во наместа жолчна расправа и по една пауза, досега Комисијата со мнозинство гласови отфрли четири приговори на движењето БЕСА.

Пред три и пол часа почна јавната седница на Државната изборна комисија, на која се разгледуваат и се одлучува по приговорите поднесени од подносителите на листи на кандидати за пратеници во Собранието, а кои се однесуваат на постапката за гласање и на постапката за сумирање и утврдување на резултатите. Во наместа жолчна расправа и по една пауза, досега Комисијата со мнозинство гласови отфрли четири приговори на движењето БЕСА.

Мнозинството членови на ДИК сметаат дека приговорите на БЕСА немаат правна основа и се без докази и исто така дека тие се направени по објавувањето на резултатите и на мандатите на политичките партии.

Седницата беше прекината за време на расправата за приговорот на БЕСА за избирачко место во село Крушино, а БЕСА во него тврди дека на денот на гласањето бил вршен притисок и агитирање врз гласачите, едно лице гласало за повеќе пати и дека нема печат на неколку гласачки ливчиња за подоцна тие да бидат прогласени за неважечки.