Почна евакуацијата во Алепо

15.12.2016 15:16

Во тек е евакуацијата на бунтовниците од источно Алепо. Силите на Асад влегуваат во квартовите во овој дел на градот. Нападнат е хуманитарен конвој што пренесувал цивили.

На денешниот самит на Европската унија во Брисел кој се очекува да биде концизен, меѓудругото се разговара и за состојбата во Сирија. „Дојче Веле“ наведува дека европејците се наоѓаат на врвот на својата надворешнополитичка немоќ и дека шефовите на владите на ЕУ се беспомошни гледачи на сириската драма.  

„Го поддржуваме секој напор да се заштитат цивилите. Ова е тешка криза. Жалам што Европа не може да има помоќна политичка и дипломатска улога“, изјави Шарл Мишел, премиер на Белгија.

Според информациите, некои од членките зборувале дека треба да се дискутира за натамошни санкции за Русија, поради нејзиното учество во разорувањето на Алепо, но не се очекува никаква одлука по тоа прашање. Во меѓувреме најмалку еден цивил загинал, а четворица биле ранети кога снајперист од иранската шиитска милиција отворил оган врз конвој со цивили кои чекале на евакуација од Алепо. Конвојот од окупираните области се движел кон местото Рамуса, но запрел во момент кога почнал да се приближува до контролната точка на силите на режимот. Медиумите пишуваат дека луѓето се простуваат од својот град знаејќи дека нема да се вратат. Се очекува процесот на евакуацијата да трае најмалку три дена.

„Ме испратија во првите борбени редови да се борам против Сириска армија, да пукам врз населени области. Кога некој ќе се побунеше, му се закануваа дека ќе го убијат. Ги држеа нашите роднини како заложници“, изјави амнестиран бунтовник.

„Нашите команданти ни рекоа дека треба да одиме во рајот по секоја цена. Не испраќаа во тренинг кампови и многу не плаќаа. Камповите беа лоцирани во Турција, Катар, Саудиска Арабија, Јордан. Нашите тренери беа американски воени советници“, додава друг.

Портпаролот на турското Министерство за надворешни работи соопшти дека прва цел е болните и повредените да се пренесат во болница во Сирија и во Турција.

 

Марина Автовска