ДИК решава за поднесените приговори

15.12.2016 16:21

Жолчна расправа и по некоја пауза. Членовите на Државната изборна комисија решаваат по приговорите на СДСМ и на БЕСА за изборниот процес. Рокот е до полноќ. Досега Комисијата, со мнозинство гласови, отфрли седум приговори од БЕСА, за едниот дополнително ќе се решава.

Државната изборна комисија (ДИК) денеска отфрли седум од осум приговори за гласањето, сумирањето и утврдувањето на резултатите на неделните предвремени парламентарни избори на Движењето БЕСА. Образложението на мнозинството членови на највисокото изборно тело во државата беше дека тие биле правно неосновани, не содржеле докази и оти се поднесени откако беа објавени резултатите од гласањето и соопштувањето на бројот на мандатите.

Во 16 часот членовите на ДИК заминаа на едночасвна пауза откако ги повикаа претседателот и членовите на Избирачкиот одбор од избирачкото место 0396/1 - Гостивар во ИЕ 6 да дојдат на сослушување, бидејќи од записникот беше утврдено дека членоите на ИО утврдиле обид една жена да гласа по вторпат. Приговор за ова избирачко место поднесе БЕСА со тврдење дека е овозможено гласање за друг.

Седницата по паузата ќе продолжи со расправа по приговорите на СДСМ, а отако ќе заврши одлучувањето за овие приговори, членовите на ДИК ќе го сослушаат ИО од избирачкото место 0396/1 во Гостивар.