ВМРО-ДПМНЕ ќе бира кандидат за претседател на 1-ви март
04.02.2014 16:08
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ на 1-ви март ќе одржи конвенција на која ќе го избере кандидатот за претседател на државата. Во меѓувреме партијата ќе објави оглас за доставување кандидатури за конвенцијата.

Одлуката за свикување конвенција за избор на претседателски кандидат ја донесе Извршниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ на синоќешната редовна седница.
Во согласност со статутарните документи Конвенцијата е тело на партијата кое на непосреден, директен и таен избор ќе одлучи кој ќе биде кандидат за претседател. Овој начин на избор на кандидатот за Претседател на Република Македонија е високо демокртаски, транспарентен и отворен процес. Ова е висок стандард во политиката за кој се надеваме дека ќе биде применлив и од страна на останатите политички партии, рече денеска на прес-конференција Илија Димовски, директор на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ.
Како претходна процедура на конвенцијата, појасни Димовски, ВМРО-ДПМНЕ ќе објави јавен повик за приложување кандидатура до конвенцијата. Право да приложат своја кандидатура имаат сите граѓани на Македонија кои ги исполнуваат уставните услови за извршување на функцијата Претседател на РМ, кои се членови на ВМРО-ДПМНЕ или се поддржувачи на политиките на партијата и се наоѓаат себе си во ставовите на ВМРО-ДПМНЕ за државните и националните прашања, рече Димовски.
Тој нагласи дека свикувањето конвенција за избор на кандидат за претседател на државата е редовна пракса што ВМРО-ДПМНЕ ја применува од формирањето. - На сите досегашни претседателски избори ВМРО-ДПМНЕ избирала свој кандидат токму на овој начин, низ демократска процедура, каде делегатите одлучуваат врз база на своето убедување, а врз основа на вредностите, принципите и програмите на предложените кандидати, наведе директорот на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ.
