Продолжува евакуацијата во источно Алепо

16.12.2016 11:24

Во првиот конвој беа ранети и цивили и борци откако припадник на иранската шиитска милиција отворил оган врз толпата.

Со забавено темпо продолжува евакуацијата на цивилите и бунтовниците од источно Алепо. Илјадници Сиријци чекаат да си заминат од деловите кои се под контрола на џихадистите, по што силите на претседателот Башар ал Асад би требало да ја преземат територијата во целост.

Во првиот конвој беа ранети и цивили и борци откако припадник на иранската шиитска милиција отворил оган врз толпата.

Американскиот државен секретар Џон Кери предупреди дека Алепо не смее да биде реприза на Сребреница, но не понуди стратегија за окончување на сирискиот конфликт.

„Последната работа што би сакал да ја види светот е уште една Сребреница. Најважно е да дејствуваме. Целиот свет мора да се обиде и да си ја одигра улогата, а меѓународната заедница и сите страни мора да продолжат со процесот“, изјави Кери.

Новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп повтори дека ќе воспостави безбедни зони во Сирија, кои ќе бидат делумно финансирани од заливските земји. Велика Британија вети помош од 20 милиони фунти, а ЕУ ќе ги употреби сите дипломатски канали за да се достават храна, вода и лекови на цивилите во Сирија.