Трескавец година потоа

04.02.2014 16:13

Денес се навршуваат точно една година од страшниот пожар кој до темел ги пепелоса конаците на манастирот Трескавец...

Денес се навршуваат точно една година од страшниот пожар кој до темел ги пепелоса конаците на манастирот Трескавец. Неговото обновување се очекува да започне ова лето. Моментално проектот за конаците се наоѓа на дообработка во Завод и музеј Прилеп, според препораките на Националниот концерваториски центар.

„Реализацијата на проектот за изградба на конаците мора да оди фазно, во координација со министерството за култура и средствата кои се веќе пресметани колку треба да изнесуваат за комплетната реализација, тие ќе се делат на години и така ќе оди и динамиката на обновата на конаците“, рече Гордана Данилоска Спироска, директор на Завод и музеј Прилеп.

Оваа година се одобрени средства и за изработка на проект за реставрација на црквата, старат трпезарија и магерницата кои потекнуваат од 13 век. Голем предуслов за реконструкцијата на Трескавец е изградбата на новиот пат.

„Досега манастирот го имаат посетено над 50.000 туристи откако е изграден новиот пат, што е еден добар предуслов за идно развивање на манастирскиот туризам кај нас“, истакна Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.

Инаку пред неколку денови заврши и истрагата за пожарот на Трескавец. Во Основниот суд во Прилеп пристигна дополнителното вештачење од одделот за крим техника од МВР кое го побара истражниот судија. Со тоа уште еднаш се потврди дека пожарот започнал во соба број 6 од наталожени саѓи во оџакот и ќумбето.

„Списите и сите вештачења во текот на вчерашниот ден се препратени до Основното јавно Обвинителство во Прилеп. Инаку се работи за барање доставено до судот за преземање на определени истражни дејствија против Н.Н. сторител, или непознато лице, во оваа фаза постапката. И за кривично дело предизвикување на општа опасност“, изјави Жарко Велески, судија за односи со јавност.

Во наредните неколку денови Јавното обвинителство до Прилеп треба да донесе одлука дали овој немил настан ќе го прогласи за несреќен случај или пак ќе побара одговорност од некое лице.

Според Јавното обвинителство исходот на ова ќе се знае за 4-5 дена.

Дарко Штаргоски