Домаќинствата, сообраќајот, индустријата- најголеми загадувачи во Скопје
Домаќинствата, сообраќајот, индустријата, најголеми загадувачи во Скопје. Отворена „пандорината кутија“. Градските власти со сет од 50 мерки за намалување на загаденоста. Проектот е во соработка со Финска, а го финансира Европската унија.

Загревањето на домаќинствата, сообраќајот, индустријата- се најголемите загадувачи, покажале истражувањата. Со сет од 50 мерки Градот Скопје ќе го подобрува воздухот. Греењето на пелети, замената на стари со нови автобуси, почесто користење на градски превоз, еколошки дозволи за индустриските капацитети- се дел од решенијата. Но, експертите велат за нивна реализација потребен е подолг период.
„Развојот на сообраќајната мрежа треба да се движи во насока која би овозможила олабавување на оние делови од градот кои се најзафатени со сообраќај. Исто така е важно да се промовира култура на возење велосипед, пешачење и слично“, вели Ерки Парјала, Град Куапио, Финска.
„Оваа година започнавме со субвенционирање за набавка на печки на пелети за 196 граѓани следната година предвидуваме бројот на тие граѓани да се дуплира. Во тек е постапката за набавка за нови 50 електрични автомобили, одиме на подобрување на јавниот превоз за граѓаните“, изјави Никола Јовановски, Град Скопје.
Градоначалникот Трајановски не бега од одговорноста за загадениот воздух, како што вели прв ја отворил „пандорината кутија“ и проговорил за тоа каков воздух дишат граѓаните. Според него, за почист воздух придонес треба да дадат сите 17 општини. Иако загадувањето на воздухот сѐ уште бележи енормно високи граници, Трајановски вели во изминативе осум години градот превзел низа мерки.
„Градските улици се прскаат со средството калциум магнезиум ацетат за контрола и намалување на ситната прашина, воведовме посебен сообраќаен режим за тешките товарни возила чија крајна дестинација не е Скопје, а кои се упатуваат да ја користат обиколницата, воведовме бесплатен автобуски превоз за повозрасните граѓани, за средношколците и за други граѓани“, изјави градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.
Со етапно применување на мерките, се проценува дека скопјани чист воздух би дишеле за една до две децении. Тоа го покажуваат искуствата од другите европски градови кои го решиле проблемот со загадувањето.
Андријана Атанасовска
