Прекината евакуацијата во Алепо, бунтовниците не го почитуваат договорот

16.12.2016 12:39

Прекината е евакуацијата во Алепо. Бунтовниците не го почитуваат договорот, велат неофицијални извори. Русија побара обединети акции од сите страни. Вашингтон предупреди, Алепо не смее да се претвори во Сребреница. Британија праќа финансиска помош за Сирија.

Сириската влада ја запре евакуацијата во источно Алепо, обвинувајќи ги бунтовниците за непочитување на договорот. Според неофицијален извор, во областа се слушаат пукотници и експлозии. Во првиот конвој беа ранети неколкумина откако иранската шиитска милиција отвори оган врз цивилите и борците.

Сириската војска, со поддршка од Русија, ги презеде речиси сите региони кои беа контролирани од џихадистите. Официјална Москва очекува целосно запирање на огнот по ослободувањето на Алепо. Претседателот Путин повика на обединетост.

„Палмира падна поради неусогласените дејствија на меѓународната коалиција, сириската армија и Русија. Неколку пати сум кажал дека за да бидеме ефикасни во борбите со терористите, треба да ги обединиме напорите“, изјави рускиот претседател, Владимир Путин.

Американскиот државен секретар Џон Кери предупреди дека Алепо не смее да биде реприза на Сребреница, но не понуди стратегија за окончување на сирискиот конфликт.

„Последната работа што би сакал да ја види светот е уште една Сребреница. Најважно е да дејствуваме. Целиот свет мора да се обиде и да си ја одигра улогата, а меѓународната заедница и сите страни мора да продолжат со процесот“, рече државниот секретар на САД, Џон Кери.

Новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп повтори дека ќе воспостави безбедни зони во Сирија, кои ќе бидат делумно финансирани од заливските земји. Велика Британија вети помош од 20 милиони фунти, а ЕУ ќе ги употреби сите дипломатски канали за да се достават храна, вода и лекови на цивилите во Сирија. Досега од Алепо заминале над 6.000 луѓе. Според ООН, најмалку 50 илјади се заглавени во воената зона.