Се очекува благ пад на цената на недвижностите
Агенцијата за катастар на недвижности во наредниот период очекува да продолжи растот на понудата, односно зголемување на бројот на новоизградени станови, и да дојде до благ пад на цените на недвижностите како резултат на намалената активност на пазарот на недвижности...

Агенцијата за катастар на недвижности информираше за цените и трансакциите во вториот квартал од годинава. Оттаму велат дека може да се очекува благ пад на цените на становите во Скопје.
Агенцијата за катастар на недвижности во наредниот период очекува да продолжи растот на понудата, односно зголемување на бројот на новоизградени станови, и да дојде до благ пад на цените на недвижностите како резултат на намалената активност на пазарот на недвижности, рече директорот на Катастарот Славче Трпески на денешната прес-конференција.
Од податоците во извештајот, додаде, можеме да заклучиме дека во вториот квартал од 2016 година имаме намалување на активностите на пазарот на недвижностите и надолен тренд на бројот на трансакции, дека понудата на станови на пазарот ја задоволува побарувачката и оти во моментов има доволна залиха на новоизградени станови.
Најголем број трансакции 2.119 имало во април, а најмал во мај кога е регистрирана 1.891 трансакција. Најголем број станови 264 биле продадени во општина Аеродром по што следат Карпош со 168 и Охрид со 151 стан. Од продадените станови 499 или за 228 помалку од истиот период лани се новоградби, а најпродаваните станови, пак, се со површина од 45 до 55 метри квадратни.
