„Струмица табак“ нема бонитет, но тутунот ќе се откупи
Две од десетте компании во земјава имаат проблеми со роковите за почетокот на откупот на тутунот до 15-ТИ декември. „Струмица табак“ не ги отвори пунктовите, за другата компанија ќе решава инспекторатот, кој уверува- тутунарите да не стравуваат, ќе се купи и ќе се пати целиот род. Досега се откупени 11.000 тони по цена од 193 денари за килограм.

„Струмица табак“ ги загуби роковите за откуп на тутун. До законскиот рок, 15-ти декември, оваа компанија ниту ги отвори пунктовите за откуп на договорените 2.300 тони, ниту достави бонитет дека ќе го плати родот. Од Земјоделскиот инспекторат го разгледуваат и случајот со „Центротобако“ која вчера сепак доставила нова документација до Министерството. Инспекторатот уверува- околу 3.500 македонски тутунари да не стравуваат, нивниот род ќе го преземат и ќе го платат другите откупувачи.
Осумте откупувачи во земјава веќе презеле половината од годинашниов род на тутунот. Откупени се 11.000 тони. Нема проблеми во кампањата, а ситуацијата будно се следи на теренот. Родот е квалитетен, просечната цена е 193 денари, тутунарите велат, се задоволни.
Нема застој ниту во исплатата. Од Сојузот на тутунските здруженија сметаат, според темпото на кампањата, тутунот ќе се купи во јануари.
Елизабета Митреска
